јули 29, 2019

Скопје/Охрид, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Атлетичарите на АК „Охрид“ собраа грст медали на Сениорското атлетско првенство што викендов се одржа на Градскиот стадион „Тоше Проески“ во Скопје.

Охридскиот клуб беше меѓу најтрофејните со освоени вкупно осум медали, од кои шест златни и два сребрени.
Меѓу најуспешните атлетичари на првенството беше нашиот Јован Стојоски, кој освои три златни медали и тоа во трките на 100 (10,8 секунди), 200(21,52 секунди) и 400 метри (47,45 секунди).

Марија Јовановска освои злато на 100 метри, со време 12,7, а сребро на 200 метри со време 26,95. Блаже Љушев беше најдобар во скок во далечина (6,07 метри), а Стефан Стефаноски беше прв во дисциплината фрлање диск со резултат 40,35 метри.

Во дисциплината скок во далечина Мартина Мироска ја освои втората позиција со резултат 5,14 метри.

Натпреварот имаше и изборен карактер, што значи дека атлетичарите на АК „Охрид“ ќе бидат дел од националната репрезентација која ќе ја претставува Македонија на претстојното Европско Тимско првенство, што на 10-ти и 11-ти август ќе се одржува во Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: АК „Охрид“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука