Охрид, 8. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид, е исклучително професионална институција која е целосно посветено кон заштита на учениците од било какви злоупотреби, а посебно од партиски, стои во реакцијата на училиштето по денешниот допис до медиумите од ОО на СДСМ од Охрид дека преку летоци средношколците се повикуваат на протести.
– Училиштето постојано се залага за унапредување на целокупниот образовен процес, за почитување на човековите права и слободи и за манифестација на демократски креативни форми за хуманизација на општеството што е тесно поврзана со образовниот систем. Настојуваме да го усогласиме воспитанието и образованието со основните принципи на почитување на основните вредности на нашето општество, за перманентно подобрување на условите за работа и учење во гимназијата, да ја развиваме креативноста, принципот на разбирање мултикултуралноста. Наставниот кадар е постојано во блиска корелација со учениците и тоа е еден начин плус за заедништво и нивно приближување кон гимназијалците, обид повеќе за истакнување на вредностите за заедничкото живеење, почитување на разликите во културата, традицијата. Гимназијата ги штити учениците од секаков облик на манипулација и нивна злоупотреба од секој облик а посебно во партиски цели. Оттука, Општинското средно училиште го осудува обидот на изолирана група во соработка со надворешни лица кои се креатори на таканареченото соопштение. Напоменуваме дека во Општинското средно училиште, вчера немаше никаков прекин на наставата или било каков друг облик на пречки во наставно-воспитниот процес, реагираат од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
Додаваат дека како образовна институција, енергично се борат против секој облик на поделба на учениците.
– Истовремено, високо ја почитуваме интелегенцијата на средношколската младина, ги почитуваме нивните желби за спознавање на состојбите во општеството, нивните иницијативи за себепознавање, себеприфаќање и разбирање на другите како и нивните манифестации и потреби во меѓусебната комуникација.
Тоа е една од бројните одлики на нашата образовна институција со која и учениците и целокупниот наставен кадар се гордееме и што не прави да бидеме меѓу најреномираните образовни институции во Македонија, стои во дописот на директорот Звонко Трпески.
– Укажуваме дека директорот и надлежните во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ имаат должност да ги заштитат учениците од партиски злоупотреби, порачаа денес од СДСМ од каде додаваат дека „е недозволиво ученици преку истакнати летоци да се повикуваат да напуштаат настава за да бидат дел од протести“.
Со реакција веднаш излегоа и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид од каде порачаа дека на собирите доброволно учествуваат граѓани кои се за заедничка Македонија.
– Очигледно ОО СДСМ Охрид е во голема заблуда во однос на граѓанските собири кои се случуваат насекаде во Македонија а со тоа и во градот Охрид, па неосновано реагираат до ОК ВМРО-ДПМНЕ од Охрид затоа што овие граѓански собири се масовни и пред сè се против нивната конспираторна политика за прифаќање на платформи кои се потпишани во други земји, велат од охридскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ во однос на реакциите дека ученици се повикуваат на протести. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива