Охрид, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Конгресниот центар во Охрид, денес беше отворен првиот летен камп за студентите од Стоматолошкиот факултет од Скопје.
Овој тридневен собир, ќе им овозможи на студентите да се стекнат со пошироки вештини, како за самостојно, така и за тимско работење, а се во интерес на здравјето на пациентите.
Кампот за отворен го прогласи ректорот на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски.
– Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има критична улога при унапредувањето на оралното здравје во земјава. Имено, Стоматолошкиот факултет обезбедува современи студиски додипломски и постдипломски програми, истражувачка работа, што пак подразбира, дека нашите студенти – идни доктори по дентална медицина, стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри глобално ќе ја остваруваат основната мисија на нашиот Универзитет. Значењето и угледот на Факултетот е во нераскинлива врска со квалитетот на студиските програми. За да се одржува тоа високо ниво на едукативните програми неопходно е посветено да се работи на наставната, научно-истражувачката и применувачката дејност. Секако, при тоа, како здравствени работници треба да се водиме од хуманоста и етичноста во извршувањето на јавните обврски. Ваквите форми на воннаставни активности можат да се инкорпорираат во новите студиски програми кои наскоро ќе се акредитираат на Стоматолошкиот факултет. Со тоа, вашиот ангажман и совладувањето на вештините предвидени со летната школа ќе ви носи дополнителни кредити во вашата диплома. По завршувањето на факултетот, вие, како здравствени работници ќе мора постојано да посетувате конгреси, симпозиуми, семинари и работилници за да можете да ја обновите вашата лиценца за работа. Оваа летна школа ќе ви биде првиот чекор кон остварувањето на тие цели, истакна Јанкуловски.
Во името на локалната самоуправа, студентите и професорите ги поздрави Иван Лотески.
– Градот домаќин Охрид, уште пред многу векови ја направил суштинската разлика помеѓу светлината на знаењето и темнината на неукоста. Благородната мисија на Светите Климент и Наум во описменувањето на населението од овој крај и штедрото ширење на истотото на поширокиот Балкански регион, го сврстува Охрид како град светилник на писменоста, духовноста и културната размена со другите народи, како општо прифатени универзални човечки вредности за изградба на подобар свет. Верувам дека студентите заедно со уважените професори, ќе имаат плодна размена на искуства и ќе се запознаат со најновите достигнувања во стоматологијата. Почитувани присутни, и покрај краткиот престој во нашиот град, убеден сум дека ќе одвоите малку време да се насладувате на боите на езерото, убавината на Галичица, магијата на Св. Наум и шепотот на охридските сокаци за богатото минато на нашиот Охрид, истакна Лотески.
На тридневиот летен камп ќе бидат разгледани теми од повеќе стоматолошки дисциплини, како стоматолошка протетика, превентивна стоматологија, ортодонција и реставративна стоматологија. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид