октомври 15, 2017

Охрид, 15. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утрово, точно во 07:00 часот се отворени 88 избирачки места во Охрид на кои, кога според изводот од единствениот избирачки список ќе може да гласаат 52.833 граѓани. До 19:00 часот тие по шести пат ќе можат да го дадат својот глас за идниот градоначалник и членовите на Советот.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, професорот Јован Стојановски ќе биде под број 19, д-р Митко Тилевски предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е под број 13, а независниот кандидат за прв човек на Охрид, Стевче Стевоски го носи бројот 44. За Охрид беа поднесени и прифатени пет листи за советници. Носителите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги имаат истите редни броеви како и кандидатите за градоначалник, додека носителот од ДПА ќе биде под број 15, Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, ќе бидат четврти, а носителот на независна советничка листа, Љупчо Настоски ќе биде под број 24.

Вчера веќе гласаа лицата кои се во затвор и притвор, болните и изнемоштени лица.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29-ти октомври. Тогаш ќе се гласа само за двата најдобро пласирани кандидати за градоначалници од првиот круг во кој не е постигнат условот за јасна победа во првиот круг.

Изборите ќе ги следат 5.011 домашни и 373 странски набљудувачи. Според податoците објавени на веб страницата на ДИК, од домашните, најголем број акредитирани набљудувачи има невладината организација МОСТ – 2.843. Од странските, најголем број набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР – 198, потоа Амбасадата на САД во Македонија – 33, Делегацијата на ЕУ – 23, како и Меѓународниот студиски центар за избори (IESC), со 18 набљудувачи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука