Охрид, 28. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Писателот и амбасадор Трајан Петровски, преку отворено писмо до Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев со апел да не се гради Депонија во Дебрца.
Писмото го пренесуваме во целост.
(Живот за сите, зеер и чемер за Дебрца! Збогување на Охрид со УНЕСКО)
Господине (или другар) Заев,
Се решив да Ви се обратам прво Вам како премиер (приме министер), којшто наследи заробена, киднапирана држава и којшто вети „живот за сите“, правна држава според европските демократски стандарди, благосостојба и голема слобода.
Повод за моево обраќање токму до Вас е изумот (намерата) за изградба на депонија во мојата родна Дебрца, којашто ќе го собира ѓубрето и севозможниот отпад од регионот на цела Западна Македонија(од Струга на Рамиз Мерко, Дебар, Охрид, Кичево, Пласница и други локалитети)! Генијално! Тие умови што го измислија тоа и се зафатија со решенија коишто се далеку од разумот, се составен дел од нашиот гломазен бирократски апарат, за кого залудно се трошат милијарди народни пари. Дел од корумпираните неефикасни институции.
Најголемата вина лежи токму врз вашите плеќи, како првоодгворен во естаблишментот, независно кој е директно одговорен од „големите стручњаци“ натоварени со привилегии, кои се зафатиле со ваква сериозна задача. Немате отстапница.
Идејата за изградба на депонија во Дебрца (за ѓубрето од цела Западна Македонија, ПОСЕБНО ОД Струга) е стара седум-осум години, уште од владеењето на режимот којшто се дрзна да ја прекрои историјата, со енормна корупција, криминал и непотизам и да ги поткопа темелите на АСНОМ. Фашисоидниот режим којшто успеа да го доведе опстанокот на државичето што го наследивме од ,,комуњарите” и кое сега, наместо Република Македонија, може да се вика НЕВРАТОВО ИЛИ ДУШОГУБИЦА!
Уште тогаш ја примив со гнев и заедно со бројни интелектуалци, повеќето родум од Дебрца, организиравме широка акција против таквото лудило, огласувајќи се во медиумите и жолчни дебати во Општина Дебрца.
Минатата година повторно воскресна пакосната идеја за изградба на депонија (буниште, ѓубралник) токму во Дебрца, во атарот на селото Годивје. Жителите на Дебрца се соочија со безобѕирен ултиматум, со недоквакани образложенија дека така било договорено на највисоко ниво, во ресорното министерство на естаблишментот, во консултација со некакви меѓународни експерти!)!
Во август се организира голем народен собир во село Годивје, на кој присуствував и јас. Народот го изрази својот револт со непоколебливиот став дека депонија во Дебрца не може да се гради по никоја цена.
Чувствувајќи се обврзан да го изложам мојот став како афирмиран писател и општественик којшто половина столетие ги афирмира Дебрца и Охрид, како човек со достоинство и интегритет, покрај другото, ги изговорив и следните реченици:
Борбена и славна Дебрца, македонската Прва Слободна територија (читај Република) во еконт на Ослободителната војна против фашизмот, не смееме да дозволиме од светилник на историјата да се претвори во буниште на историјата и на иднината. Дебрца не е ничија сермија, најмалку на Рамиз Мерко, кој толку многу и се намерачил да ја сквернави со ѓубрето од Струга; не е ничија мандра. Власта во Дебрца, ако е власт, не смее да дозволи играње со нејзините судбини. Дебрца не може да биде заложник на неспособноста на владеачките државни структури, ниту да ја прифати погубната лустрација на чистотата на нејзиното историско величие.
Кога се во прашање вакви несреќи, особено за територии светилници како Дебрца, оправдано јавно ги поставувам следниве прашања:
Знае ли премиерот или некој од власта, во генерална смисла, вклучувајќи го и Претседателот на државата и пратениците во Законодавниот дом што се богатат со високи плати за реплики и контра реплики!, криминални патарини, непотребни чопоративни патувања по белиов свет, гозби со пари од сиромаштијата, да не ги спомнувам злоупотребите на службената положба и криминалите од секаков вид, со што се вгради Дебрца во македонската државност и идентитет?
Иако е банално, должност ми е да потсетам, иако знам дека од историја не се живее.
Дебрца (славна) е Првата македонска територија (читај Република) уште од 1943 година. Без неа не ќе беше ни АСНОМ.
Во Дебрца се формираа првите воени единици на македонската антифашистичка, ослободителна војска. Баталјонот ,,Мирче Ацев” беше формиран на Славеј Планина на 18 август 1943. Првата Македоно-косовска ударна бригада беше формирана во славно Сливово, во ноември 1943.
Во истата таа година беа отворени првите училишта на македонски јазик. Беа создадени првите органи на народната власт.
Во Дебрца беше седиштето на Главниот штаб на НОБ.
Во Дебрца беше усвоен Првиот Манифест до македонскиот народ.
Во Дебрца беше формирано првото Верско поверенство. (Значи ,,комуњарите” и во такви услови мислеа на верските прашања и на Автокефалноста на македонската црква).
Во Дебрца дејствуваше Првата воена болница, среде планина. ВоДебрца беа стационирани првите воени сојузнички мисии. И да не набројувам повеќе. Има уште многу први работи. Да не ги спомнувам палежите и загинатите за слобода.
Ваква историја не смее да се сквернави. Не смее да се доведува во врска со било какви депонии. Грозни и погубни се таквите помисли.
Овие историски аргументи намерно ги ставам на прво место. Тие што разбираат ќе разберат зошто.
Во овој контекст ми се наложува едно круцијално прашање, кое говори за нашиот колективен ум и разум. Зошто Денот на Армината на Македонија, 18 Август се слави во Касарната Илинден, наместо на местото каде што е формиран Баталјонот ,,Мирче Ацев”? Дали Врховниот командант и другите важни политичари и генералштабовци го посетиле некогаш Славеј? Знаат ли во каква состојба е патот во должина од десетина километри, како и Споменикот со петокрака ѕвезда? Зошто се задоволуваат со ваква наводна прослава на овој важен ден, со некаква церемонија која се заокружува со некаква смотра и салутирање и со војничко тавче гравче?!
Ова се прашања за сериозна анализа и за срам.
Втор приоритетен аргумент е еколошкиот. Во Дебрца не смее да се гради никаков објект од типот на депонија, заради заштитата на Охридското Езеро и забраните од УНЕСКО. Реката Сатеска со сите околни притоки е поврзана со водите на Охридското Езеро. Локацијата за депонија во Годивје е покрај Автопатот за Охрид, на растојание од триста метри.
Дегутантни се приказните за споредба со наводна современа технологија, по примерот на Швајцарија И другите европски цивилизирани држави. Целата наша државичка е депонија. Ние не сме кадри да менаџираме такви објекти, какво и да биде совршенството. Ние сме далеку од нормалноста, а не пак од совршенството.
Пример за тоа е Колекторот на Охридското Езеро. Најнов пример е скандалот со трасата за новиот Автопат, кој ќе не чини уште 350 милиони евра повеќе. Или цела милијарда. Доказ за нашите вистини се и обичните канали низ земјата кои постојано се надвор од функција. Илустративен доказ за менаџирањето и совршенството со вакви објекти е и Депонијата Дрисла.
Зачудувачки е молкот и на градоначалникот на Охрид. Особено зачудувачко е неогласувањето на Партијата на зелените која се декларира како поборник за екологијата. Дебрца остана потурната кон заборавот и од таканаречените народни избраници. Никој ништо не пропелтечи. Кога се во прашање вакви несреќи (политички, еколошки, судбински, егзистенцијални) особено за територии како славна Дебрца нема простор за утеха. Таа и така е заборавена. Потурната. Можеби нејзиното опустошување ќе биде официјализирано со донесување закон со европско знаменце во Законодавниот дом. Живот за сите. Насилничко, кабадахиско обезличување на Дебрца.
Доколку властодршците останат тврдокорни на таа лудост, да се гради ѓубралник на таа територија (Општина), скапо ќе ја чини Македонија. Тоа треба да му е јасно на Премиерот. Нашата Слободна територија нема да се предаде по никоја цена. Нема да моли за милост и да клекне на колена. Таа е веќе востаната. Ќе го брани својот беден и уценувачки опстанок со востание. Востание!
А што се однесува до државичето наследено од ,,комуњарите” , наместо Република Македонија, може да се вика Република НЕВРАТОВО, или Република ДУШОГУБИЦА. Или пак Република ДЕПОНИЈА.
Трајан Петровски, писател, амбасадор
извор: локално.мк фото: архива