Белчишта, 17. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во селото Белчишта денеска беше отворен Изложбениот центар за Белчишко Блато / Природнонаучна и етнолошка збирка.
Центарот е дел од проектот „Подобрување на конзервацијата на приоритетните растенија во прекуграничната област“, conse-pp, кој општина Дебрца го имплементираше со своите партнери од Македонија и Грција, со средства обезбедени од ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија-Грција. Беше реконструиран и опремен стариот објект во центарот на село Белчишта, каде е сместен Изложбениот центар.
Преку текстови, фотографии и примероци од растенија и животни прикажани се многу сегменти од флората и фауната, со кои располага Белчишкото Блато.
Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески изрази изрази голема благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија и Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид, кое заедно со општината годиниве работеше на повеќе проекти за Белчишкото Блато. Тимот на здружението, на чело со Ѓоко Зороски и општинскиот тим, се погрижија за креирање на сите содржини внесени во центарот.
Со неговото отворање, Општина Дебрца добива уште еден атрактивен простор, преку кој се презентира дел од природното богатство на Дебрца. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива