Охрид/Кичево, 5. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради снегот што паѓа од ноќеска во поголемиот дел од државава, патниот, железничкиот и авиосообраќајот се одвиваат во зимски услови, засега без значителни проблеми и застои.
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози во северниот, западниот и југозападниот дел од државата, а во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни.
Во раните утрински часови имаше врнежи од снег со послаб интензитет на планинскиот превој Стража. Врнежи од слаб дожд се бележат во Охрид и Дебар, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Според прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи на Македонија (УХМР), пообилни врнежи ќе има во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен.
ЈП „Македонија пат“ апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите на патот. (Крај)
извор: АМСМ фото: архива