News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 13, 2024

Вевчани/Охрид, 13. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Почитувани мои Вевчанци, дури сега знам колку сум вредел, Вашата љубов и поддршка кон мене е единствена потврда за мојата вредност, бидејќи не е од било кого, туку од Вевчанци, од моите драги досегашни парохјани, стои во пораката на Отец Ромео Петрески- Падре, по реакциите на жителите на Вевчани кои застанаа јасно против одлуката на митрополитот Тимотеј да го замени.

– За овој период што служев кај Вас му благодарам на Бога и на мојот надлежен Архиереј, за мене работата во Вевчани беше вистинско богатство, не во материјална смисла, туку во човечка-духовна и вечно ќе остане така. Ви Благодарам за се и Ве молам да ми ПРОСТИТЕ на моите грешки. Доколку ме почитувате, барам од Вас сите заедно задолжително да ја испочитуваме одлуката на мојот надлежен и мудар архиереј – владиката Тимотеј за мир и добро на нашата Света Црква, а за здравје и радост на сите нас. Пред се’, јас и Вие сме Христијани и мораме да сме послушни во името на Бога. Ве молам со радост да го пречекате новиот колега Отец Драган, многу добар човек од Ваш крај и да оставиме мегдан со мене повторно да си се гледаме секогаш кога ќе има дополнителна потреба, дај Боже само за убаво. Му благодарам на Црковниот одбор за нивната несебична поддршка и почит која ја имав од почеток до ден денешен, прекрасни луѓе, чесни, ретко каде има ваков единствен и сплотен одбор кои се мои вечни пријатели. Човек кој е верник и го љуби ХРИСТА, мора да биде послушен, така мораме сите и во овој момент и секогаш. Секако благодарам за се и на моите парохјани од Октиси, прекрасни луѓе. Да сте ми живи, здрави и од Бога Благословени сите. Ви благодарам уште еднаш за Вашата голема поддршка и ако е Божја волја повторно ќе се видиме. За многу години утрешниот празник Светите Козма и Дамјан, напомош на сите, порача Отец, Ромео Петрески- Падре.

Пред два дена, Вевчанци за само еден ден собраа 1.500 потписи за поддршка на нивниот омилен поп, Ромео Петрески- Падре и не ја прифаќаат одлуката на митрополитот Тимотеј да го замени.

Преку објава во Facebook страната Moe Vevcani, тие претходно побараа правда за Петрески- Падре. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука