Белчишта/Охрид, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Нуркачкиот центар „Акватек“ од Охрид и Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ изведоа подводни активности за разоткривање на тајните на Белчишкото Блато.
– Најголемото блатно езерце „Сино Дувло“ крие многу природни особености кои допрва треба детално да се проучат. Со нуркањето е утврдено присуство на бројни подводни карстни извори кои го хранат со вода, речиси исти како Светинаумските извори од езерцето формирано од истекот на Црн Дрим. Богатството со вода е надополнето со рибна фауна, а од снимките се препознаваат јата кленови.
Низ шуплините од камењата има мали рипчиња – писи и голема концентрација на мали ракчиња. Измерена е длабочина од околу 4 метри, а вишокот вода се прелева во евловата шума која доминира во блатото и е најголема по површина во нашата држава, велат реализаторите на проектот.
Со жалење констатираат дека како и во Охридското Езеро и во „Сино Дувло“ пронашле дел човечката неодговорност, па на површина извадиле една метална рамка од велосипед, која ќе најде место како сувенир во нивната колекција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: „Акватек“ Охрид