Струга, 19. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пред две години нуклеарната физичарка Ивона Василеска од Струга дојде до откритие што може да помогне во производството на поевтина струја за цела Европа, а изградбата на фузискиот реактор на ИТЕР во Франција, во кој се имплементира нејзиното решение, е во тек.
Ивона Василеска сакала да студира физика уште во основно училиште, но во Македонија нема голем избор на области за студирање. Се образовала во Русија, каде што завршила додипломски и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика како првенец на генерација.
– Сакав да студирам физика уште кога бев основно училиште, но, за жал, во Македонија немаше голем избор на насоки и затоа решив да студирам во Русија, која несебично вложува не само во физиката, туку и во секоја научна област. Кога таму ме избраа за првенец на генерација на постдипломските и магистерските студии, знаев дека ќе продолжам со наука, но повторно се судрив со тоа што за физика немаме научни центри и проекти како што има во Словенија. Затоа решив по магистерските студии да се преселам во Словенија, да се вработам како истражувач и да се запишам на докторски студии, раскажува Василеска за факултети.мк зошто заминала од Македонија.
Докторира во Словенија во 2020 година, каде што покрај започнувањето со научноистражувачката работа, предава четири предмети од областа на конструкциската техника и компјутерското 3Д-моделирање на два факултети на Универзитетот во Љубљана, на Машинскиот факултет и Факултетот за промет и поморство. Во моментов работи на проекти на ИТЕР – светска организација од Франција која работи на искористување на плазмата како нов вид енергија.
Комплетната информација на порталот факултети.мк ОВДЕ. (Крај)
извор: факултети.мк фото: факултети.мк