Охрид, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Универзитетски професори, практичари, претставници на невладиниот сектор и креатори на политики од четири земји: Северна Ирска, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово, денеска ќе го посетат ОУ „Братство и Единство“ во Охрид.
Гостите ќе бидат запознаени со голем број мултиетнички активности кои се спроведуваат во училиштето.
Оваа посета е резултат на вклученоста на Македонија и училиштето со свој претставник, наставникот по информатика Марија Пупиноска-Гогова, во меѓународната мрежа на земји кои меѓусебно разменуваат знаења и искуства околу прашања поврзани со интегрираното образование во мултиетничка средина. Искуствата кои се пренесени во училиштето секако се од голем придонес за наставниците кои реализираат квалитетна интегрирана настава и голем број мултиетнички воннаставни активности.
Учениците од „Братство и Единство“ имаат подготвено приредба за делегацијата, а преку видео презентација ќе биде промовирано училиштето како модел училиште. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива