Охрид, 9. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Основното училиште „Ванчо Николески” од Лескоец и годинава традиционално со еднонеделни активности ќе го одбележи својот патрон празник.
Во училиштето ќе има средби и посети со претставници од збратимените училишта, ќе се организира спортски ден и работилници. Учениците со нетрпение ја очекуваат и главната приредба, каде ќе можат да се претстават со музичките, танцовите и драмски точки кои вредно ги подготвувале во изминатиот период.
– Завршија подготовките за патрониот празник, а цела недела имаме активности. Како и секоја година, така и оваа учебна година достојно ќе го одбележиме патронатот. Утре ќе има полагање на цвеќе на гробот на Ванчо Николески. Во четврток ќе имаме посета од претставници од неколку збратимени училишта. За учениците ќе се организираат повеќе работилници. Во петок ќе имаме спортски ден. Исто така, предвидени се посети на културно – историските споменици во Охрид, напоменуваат од училиштето.
Свечената приредба ќе биде в петок со почеток во 17:30 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Покрај претставувањето на учениците, ќе бидат презентирани проектите кои во изминатиот период ги реализирало училиштето, сите постигнувања на младите и нивните наставници, како и соработката со заедницата која ја има ова основно училиште.
Што се однесува до успесите на учениците на натпреварите по одделни наставни предмети, од училиштето додаваат дека се гордеат со сето она што досега го покажале нивните ученици. На Државниот натпревар по географија, двајца ученици од ОУ „Ванчо Николески“ освоиле трето место. Еден ученик се закитил со трета награда по наставниот предмет информатика, а една ученичка освоила второ место на регионалниот натпревар по математика.
ОУ „Ванчо Николески“ во својот состав ги опфаќа училиштето во Лескоец и подрачните училишта во село Косел, село Куратица, како и подрачната паралелка во село Ливоишта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива