Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на одбележувањето на Денот на жената, 8-ми Март, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, денес ја организираше традиционалната манифестација „Охридска поетска китка“.
Директорката на библиотеката, Александра Белевска посочи дека библиотеката продолжува да ги збогатува културните случувања во Охрид, а голем придонес за тоа имаат веќе востановените манифестации, меѓу кои е „Охридска поетска китка“.
– Преку овој настан им го честитаме 8-ми Март на сите припаднички на понежниот пол, сите мајки, сестри, потоа и на сите домаќинки, но и на сите успешни жени во културниот и општествениот живот. Авторките кои денес читаа поезија, потврдија дека создаваат и креираат успешни дела. На сите им посакувам да издадат бројни книги, истакна Белевска.
Охридскиот поет, писател и публицист Тоде Илиевски ги претстави поединечно авторките, наведувајќи ги дел од нивните досегашни самостојни изданија.
– Ни се претставија поетеси, кои се претставнички на неколку генерации. Дел од нив имаат издадено по десетина книги, некои имаат по некое дело, но од некои очекуваме да не’ изразуваат во иднина со нивното првенче, рече Илиевски.
Поетесата Елена Ангелоска ја потсети публиката на деновите од нејзината младост кога пишувала поезија.
– Некои од песните кои ги прочитав се стари и по 50 години, но денес кога ги препрочитувам , ми звучат како да се пишувани скоро, кажа Ангелоска.
Некои од поетесите, годинава за прв пат се приклучија на оваа поетска манифестација, за разлика од останатите, кои традиционално учествуваат секоја година.
– Мило ми е што сум дел од оваа традиционална манифестација. Со нашите песни се потрудивме ние кои твориме да го честитаме 8-ми Март на наш начин, рече младата поетеса Даниела Илијоска.
Во Прличевата одаја на манифестацијата учество зедоа: Елена Ангелоска, Даниела Илијоска, Зорица Илијоска, Роза Костеска, Наташа Митреска, Маја Мојсова и Жаклина Ристоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес