Охрид, 28. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар утре со почеток во 20:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ премиерно ќе ја прикаже театарската претстава „Детектор за лаги“, според текст од Василиј Сигарев, а во режија на Ненад Витанов.
Овој проект е прва соработка на режисерот Витанов со Охридскиот народен театар. Основната цел на оваа претстава, според него, е публиката добро да се забавува преку приказната за машко-женските односи.
– Примарната цел е публиката добро да се забавува низ овој свет на машко-женски односи кои отсекогаш, од историјата до ден-денес се непроменети, а само се менуваат околностите и формата во која тие ќе се завиткаат. Инаку се’ е една иста приказна која одново треба да се раскажува. Тоа е приказната за двајца сопружници кои имаат проблематичен однос и дошле до критична точка кога мора да побараат помош од психијатар. Во реалниот живот кога би се случила таква ситуација почнува трагедијата, а во театарот-комедијата, нагласи Витанов.
Оваа претстава е комедија, но како што додаде режисерот, не е површна, туку влегува во психологијата на ликовите и нивните животни приказни.
Актерот Стрезо Стаматоски кој ја игра улогата на лекарот смета дека оваа претстава е всушност комично-трагична фарса, па дури и научно фантастична.
– Тоа е така затоа што секогаш се поставува прашањето дали е возможно. Дали е возможно кај некого да се всади идеја за тој да ја прифати како негова. Дали е возможно кај нас, да се всади емоција од друг и да се прифати како своја. Дали е возможно во нашиот живот со магично стапче да се решаваат љубовта, проблемите и слично? Точно оваа претстава ги опфаќа тие проблеми. Ликот кој се јавува како хипнотизер ги зафаќа и ги работи тие проблеми, изјави Стаматоски.
Јасмина Билаловиќ ја игра улогата на жената во претставата, Нада, која припаѓа на еден понизок општествен слој.
– Таа мисли дека е секогаш во право и се’ знае најдобро. Го повикува лекарот, не со цел да ги советува зашто ним дефинитивно им треба брачно советување, туку за да дознае каде мажот ги сокрил парите, и тука, според мене, е комичниот заплет на целата приказна, открива дел од претставата Билаловиќ.
Никола Тодороски истакна дека му е особено мило што учествува во уште една театарска комедија која всушност е и негов омилен жанр.
– Претставата нуди час и половина квалитетно поминато време кое се надевам ќе и се допадне на публиката. Претставата покрај тоа што ги коментира машко-женските односи, дава и коментар на една таква ситуација каде некој сакал или не, влијае на животите на другите луѓе, рече Тодороски.
„Детектор за лаги“ ќе биде претпремиерно прикажана вечерва во 20:00 часот, а влезот за публиката ќе биде слободен. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и Општина Охрид, како и од бројни спонзори. (Крај/А.Р.)
извор: ОхридПрес фото: архива