Охрид, 10. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Охридска жалостија… До кога? Со овие коментари, вљубеникот во Охрид, сликар и фотограф Ѓоко Симјаноски ги објави фотографиите на кое се гледа дека и покрај постојаниот притисок од јавноста, медиумите и еколошките организации, продолжува истекувањето на матна вода во езерото кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска.
Темата е постојано актуелизирана од граѓаните и медиумите, но како да се нема слух и начин да престане ова лудило и неодговорно однесување кон најголемата вредност која ја имаме – Охридското Езеро и живиот свет во него.
Жителите на овој дел на градот, постојано реагираат и велат дека проблемот трае подолг период.
– Живеам на 200 метри од ова место, а одам на плажа на километри од тука. Ова деновиве е еден подобар момент. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето, истакнаа во еден од дописите до редакцијата на OhridPress.
Веќе долги години наназад на овој потег се шири непријатна миризба, а еколошките активисти постојано апелираат до надлежните што побргу да преземат конкретни мерки. Проблемот е стар повеќе од 30 години и според експертите лежи во истекот на бајпасите кај плажата „Мизо“ и подолу кај вливот на реката Грашница. (Крај)
извор; ОхридПрес фото: Gjoko Simjanoski