Охрид, 27. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Матурантката Тијана Силјаноска од Охрид денеска не полагаше државна матура оти нејзиното име не беше на списокот меѓу матурантите од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“.
Силјаноска беше пратена дома, а татко ѝ револтирано вели дека поради превид на надлежните во училиштето таа иако е солидна ученичка, нема да може да се запише на планираниот Факултет за физиотерапија во Словенија.
– Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана, сега тоа право ѝ е спречено од толку агилната администрација и директорката во гимназијата. Нека сноси некој одговорност, нека се види кој е виновен. Момичето моментално е под седативи дома, вели таткото Боби Силјаноски, јави порталот Сакам да кажам.
Тој додава дека административен пропуст е направен уште во февруари, но никој до денес не алармирал.
– Пријавата за верификација на податоците која стигнала во февруари од Скопје мојата ќерка не ја потпишала. Нема потпис оти мојата ќерка била оправдано отсутна од школо. Никој до ден-денес не ѝ кажал дека пријавата не е потпишана. И сега, од 200 деца кои имаат право да полагаат државна матура само моето дете нема право, кажува тој.
Од Бирото за развој на образование, Подрачно одделение Охрид, признаваат дека е направен пропуст не по вина на ученичката која, според нив е обесправена.
– Веднаш штом добив информација дека еден од учениците во Средното општинско училиште ‘Свети Климент Охридски’ го нема на списокот за полагање на државна матура, ја известив службата во Државниот испитен центар каде што беше констатирано дека ученикот го нема. Можам да кажам слободно дека тој ученик е обесправен. Констатирано е дека ученичката во моментот на давање на списокот не била присутна на училиште и не била потпишана во списокот за кандидати кои што треба да ја полагаат државната матура, но тоа не дава за право да ја нема на списокот за матура, што значи дека било кои претставници од педагошко-психолошката служба во училиштето треба да сносат одговорност, вели Марјан Бошалески, советник во Бирото за развој на образование, Подрачно одделение Охрид.
Бошалески вели дека вметнувањето на девојчето дополнително во списокот за полагање би било противзаконски оти базата на податоци се води компјутерски и секој ученик претходно има добиено свој број и свој код. Вели дека ова досега е единствен ваков случај во државата.
Силјаноска, на која ѝ е ускратено и првото да полага државна матура двапати, сега ќе има само еден термин и тоа во августовската сесија. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска го посети СОУ „Ибрахим Темо“ во Струга, по повод почеток на полагањето на државната матура во учебната 2022-2023 година најави дека ќе го испита случајот.
Денеска 15.620 пријавени ученици го полагаа првиот од двата екстерни предмета за државната матура, мајчин јазик и литература. (Крај)
извор: Сакам да кажам фото: Сакам да кажам