Охрид, 15. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота во Охрид ќе се одржи промоцијата на книгата „Чудесните светови на Алиса“ од Мерсиха Исмајлоска, во издание на „Вермилион“.
Новото дело на Исмајлоска ги обработува книгите „Алиса во земјата на чудата“ и „Алиса во светот на огледалото“ од Луис Карол и нивните интерпретации во визуелните уметности и воопшто во културата.
Промотори на книгата се проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска и м-р Александра Јуруковска, а модератор на настанот ќе биде лично Лудиот Шапкар.
Мерсиха Исмајлоска е родена во Струга. Докторирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а работи на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. „Чудесните светови на Алиса“ е нејзина четврта книга.
– Промоцијата започнува во време за чај, сабота во 17:00 часот во кафе барот Shilla и е уште еден во низата квалитетни културни настани организирани на оваа локација, информираат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива