Охрид, 16. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник на 19-ти август од 12:00 часот во Прличевата одаја на НУ „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „Macedonians in the world“ (Македонците во светот) од македонски новинар и публицист, Славе Катин.
Славе Катин и’ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората. Покрај 55-те публикации, во период од педесет и пет години Катин е автор и на повеќе од 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература и други области.
Делото „Macedonians in the world“ е плод на неговите патувања по светот.
Промотори на книгата во Охрид ќе бидат м-р Милчо Јованоски и Свето Стефановски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива