Охрид, 7. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, на 10-ти август, психологот Дора Попова- Узуновски во кафе барот Shilla во центарот на Охрид ќе ја промовира својата втора книга, романот „Синиот час“.
Книгата неодамна излезе во продажба во издание на клуб „Матица“. Промотор на настанот кој ќе започне во 19:00 часот ќе биде Јуле Настовска Рувинова.
– ДораПопова- Узуновски е психолог, психотерапевт и гешталттерапевт. Основач е на Центарот за применета психологија „Дора“ од 2015 година, каде се’ уште активно работи. Нејзина втора љубов е пишувањето. Покрај „Синиот час“, автор е и на романот „Превртена љубов“. Низ нејзините романескни приказни се провејува магичната нишка на психологијата и психотерапијата која има лековито дејство за душата на секој читател. „Синиот час“ е роман што ја раскажува љубовната приказна меѓу славната писателка Лола и сурферот Џек. Преку карактерите на двајцата ликови, Дора вели дека сака да го престави конфликтот што постои во секој од нас. Современа, љубовно-романтична приказна лесна за читање, со психоаналитичка содржина која на интересен начин прикажува како интрапсихичките процеси кои се случуваат кај двајца луѓе, влијаат врз нивниот взаемен однос. Голем дел од читателите досега се пронајдоа во ликовите на Лола и Џек. Повелете и вие, порачуваат организаторите.
Престојниот настан е уште еден во низата квалитетни културни вечери организирани во Shilla – концептуален бар и кафѐ кој се повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. „Ги охрабруваме креативците од сите сфери да нѐ контактираат во врска со промоција на нивниот труд. Отворени сме за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма“ – порачуваат од менаџерскот тим. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива