Охрид, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“ е шести на листата европски аеродроми по раст на поврзаноста со светот во последнава деценија од 289 проценти, покажуваат податоците на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ), а ги објави порталот exyuaviation.com.
Скопскиот аеродром пак е рангиран на второто место меѓу аеродромите во главните градови на поранешните југословенски републики со раст од 119,1 отсто, зад Подгорица, која бележи раст во периодот 2019 – 2009 од 284,8 отсто. По Подгорица и Скопје, следува аеродромот во Сараево со децениски раст на поврзаноста од 109,3 проценти, пред Белград со 77,7 отсто, Загреб со 73,4 проценти и Љубљана со 20,4 отсто.
Од сите 15 аеродроми во државите од поранешна Југославија вклучени на листата, најголем раст на поврзаноста има Ниш со 1.134,2 отсто, пред Осијек со 926,7 проценти, Пула со 479,4, Тиват со 352,7 и Задар со 341,2 отсто.
Од вкупно 43-те европски држави рангирани на листата на АЦИ, Босна и Херцеговина е на последното место, Македонија е 40-та, Словенија 39-та, Црна Гора 36-та, Србија 28-ма, а Хрватска 22-ра.
За нас се посочува дека земјава во периодот 2009–2019 година бележи значителен пораст на бројот на патници, на што во голема мерка влијаеле линиите на „Виз Ер“.
Инаку, лидер на листата на најдобра авиоповрзаност меѓу земјите од Европа е Шпанија, пред Германија, Велика Британија, Франција и Турција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива