Охрид, 17.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридско-струшкиот регион со својата специфична клима, со високата надморска висина, со отсуството на тешка индустрија во овој регион, има предуслови да произведува органска храна.
Со производството на ваква храна огромен бенефит се чувствува и врз здравјето на луѓето и врз животната средина, појаснува Ванчо Стојаноски, долгогодишен екологист и производител на органска храна во охридското село Орман.
– Со производството на органската храна, произведувама здрава храна која ќе го штити здравјето на луѓето, а од друга страна не се загадува ниту животната средина. За жал, денеска во светот, со прекумерна употреба на хемиските препарати во борбата за што поголем профит, ја занемаруваме животната средина. Затоа имаме огромни региони кои неповратно се уништени за производство на храна, а камоли на здрава храна, вели Стојаноски.
Според него, на располагање на земјоделците денеска им се биолошките ѓубрива и биолошки препарати кои овозможуваат полесно да се дојде до производство на органска здрава храна.
– Но и тука имаме мали проблеми бидејќи нашите земјоделски површини се релативно мали и треба да се окрупнат доколку сакаме да произведуваме органски здрава храна зашто до таквото производство не смее да има конвенционално производство, вели Стојаноски.
Во охридскиот регион има само еден производител кој добил сертификат за производство на органска храна.Станува збор за пчелар од селото Трпејца. Причината зошто не се доделени повеќе вакви сертификати, лежи во расцепканоста на земјоделските парцели.
Според Надица Богданоска од продавницата за здрава храна „Биокосмос“ , органската храна вреди од десет до четириесет пати повеќе од конвенционалната храна и во себе содржи поголем процент на антиоксиданси, витамини и минерали во неа.Таа појаснува дека кај охриѓани постепено се зголемува свеста за важноста на органски здравата храна.
-Кај нашите сограѓани полека почнува да се подигнува свеста за значењето и потребата од користење на здрава храна и водење на здрав начин на живот.Впрочем, тоа го налагаат новите текови на живеењето, динамичниот живот што го живееме, загадувањето на околината и многу други нешта. Може да се рече дека луѓето умеат да ја препознаат и ја купуваат здравата храна, вели Богданоска.
Здравата органска храна се произведува по одредени производствени стандарди. Конвенционалната употреба на неоргански пестициди, инсектициди и хербициди е цврсто забранета и избегнувана како последна мерка.(Крај)
извор:ОхридПрес фото:архива