Охрид, 30. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот регион ќе добие пристап до железничка мрежа со проектот за изградба на пругата Кичево – граница со Албанија, во должина од 63 километри.
Проектната и тендерската документација е подготвена, а во наредниот период од меѓународни кредитори ќе се бараат потребните 500 милиони евра колку што е проценетата вредност.
На денешната презентација на проектната документација, изготвена со 7,7 милиони евра од ЕУ, беше соопштено дека рутата на пругата е од Кичево низ планините до регионот на Мешеишта, од каде минува покрај Струга каде што ќе биде главната станица по што ќе продолжи кон западниот дел на Охридското Езеро, ќе минува низ Радожда и ќе се поврзе со границата со Албанија кај населеното место Лин.
– Режимот за станици и постојки почнува кај Железничката станица во Кичево, која ќе биде рехабилитирана и модернизирана со нова техника. Имаме еднократна железничка линија и потребни ни се премини низ кои ќе минуваат возовите. Првата постојка ќе биде во Прштани, потоа следат Сливово, Пресека, Издеглавје, Мешеиште, каде има можност за повзрување со Охрид и аеродромот во Охрид, по што следи станицата во Струга и постојката во Радожда. Максималната брзина на пругата треба да биде 100 километри на час, рече Хелмут Шилц, тим лидер на пректот.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески апелира до Европската унија да ја поддржат реалзиација на овој, како што рече, клучен проект за Македонија и за целиот регион.
Со изградбата на пругата Кичево до Лин, како и доизградбата на пругата кон Бугарија, за кој е поставен рок до 2025 година, посочи Сугарески, треба да се овозможи функционална железничка мрежа долж Коридорот 8. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива