Охрид, 3. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар денес слави шест години од своето постоење.
Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар.
Охриѓани со радост се сеќаваат на премиерите на охридскиот градски градски театар, во 50-те години на минатиот век кога актерската екипа од 15 млади луѓе со голем ентузијазам и елан внесувале нов дух во градот.
Возобновувањето на театарскиот живот во Охрид има историска димензија, не само за охриѓани и за тимот актери туку и за љубителите на театарот. Огромно е задоволството да се застане на штиците што живот значат.
Во овие шест години, досега имаме продуцирано 22 претстави, кои се одиграни преку 270 пати, од кои педесетина гостувања по фестивали, истакна инспициентот Филип Ангеличин – Жура.
– Станува збор за претставите: “Метаморфози”, “Кабаре Мистериозо”, “Ај да си речиме уште една”, “Полицајци”,”Малограѓанска свадба”, “Свадбата на Итај Пејо”,”Емигранти”,” Сон на летната ноќ”, “Пат околу светот”, “Детектор за лаги”, “На дното” , “Свињарот”,” Вечера за глупаци”, “Музичка енциклопедија” , “Стари времиња” , “Убавицата и ѕверот” , “Писма од Земјата”, “Парламентарки”, “Благородникот”, “Малиот Принц”, “Дениција”, и најновата “Аналфабет”. Покрај тоа од февруари минатата година го стартувавме и проектот “Импровокација”. Навистина сме премногу задоволни од досега сработеното, рече Жура.
Охридскиот народен театар досега има гостувано на сите позначајни фестивали во Македонија: Охридско Лето – Охрид, Војдан Чернодрински – Прилеп, фестивал на Античка драма – Стоби, Фестивал на Комедија – Куманово, Скопско Лето – Скопје, фестивал на камерен театар “Ристо Шишков” – Струмица, фестивал на монодрама – Битола. Секако тука не смеат, а да не се потенцираат и интернационалните гостувања во Србија, Бугарија, Албанија, Белгија и Германија.
Колку за потсетување, Охрид имал свој театар уште во 1949 година, кога премиерно била изведена претставата “Кир Јања” од Јован Стерија – Поповиќ. Премиерата ветувала незапирлив од, се работеле бројни претстави, како Антица, Бегалка Зона Замфирова, Сомнително лице… Но, за жал по пет години опстојување, во 1954 година театарот престанал да работи. Конечно после речиси шест децении, се реализира долгогодишниот сон на тимот ентузијасти што го туркаше проектот за формирање на театарот.
По повод шестиот роденден, вечерва во Центарот за култура Григор Прличев ќе биде изведена претставата “Аналфабет”, работена според текстот на Бранислав Нушиќ, под режисерската палка на Ѓорѓи Ризески. Во претставата играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Елизабета Стефановска.
Со оглед на тоа што во претставата се користат пиротехнички средства, таа не е дозволена за деца под 14 години.
Инаку, со претставата “Аналфабет”, Народниот театар Охрид ќе гостува на претстојното, 52-ро издание на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”, кое од 9 до 16 јуни ќе се одржи во Прилеп. Оваа претстава ќе биде нашиот адут за награда во категориите најдобра машка и женска улога и режија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива