Виница/Охрид, 2. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот театар ќе настапи на деветтото издание на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој од денес до 6-ти октомври ќе се одржува во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Директорот на Домот на културата, Славко Данев, ја презентираше програмата за фестивалот кој вечерва ќе почне со портрет на бугрскиот карикатурист Ивајло Цветков и ретреоспективна изложба на дела од авторот.
– Во вечерниот термин ќе настапи Народно позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, со претстава по текст од Нушиќ. На вториот фестивалски ден карикатуристот Ивајло Цветков ќе одржи работилница за карикатура, а ќе се одржи и детско хумористично шоу. Во вечерниот термин настапуваат театрите „Крик“ и „Комедија“ од Скопје, информираше Данев.
На фестивалот ќе настапат и театрите од Охрид и Велес, а за затворањето на фестивалот со стендап комедија ќе настапи актерот од Битолскиот театар Марјан Георгиевски. (Крај)
извор: МИА фото: архива