Охрид/Русе, 8. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид и Универзитетот „Ангел Канчев“ од бугарскиот град Русе потпишаа Меморандум за соработка.
Склучениот Меморандум предвидува поддршка и трансфер на искуства околу воспоставувањето на соодветна институционална рамка за соработка помеѓу универзитетот и индустријата, заеднички настап и студиска размена во рамките на Програмата „Еразмус+“, како и поддршка при зачленувањето на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид во меѓународни асоцијации на универзитети.
Преку соработката се договорени конкретни активности на повеќе полиња, а од најголемо значење за охридската високообразовна институција ќе биде споделувањето искуства во насока на основање на Центар за развој на иновации, технологии и претприемништво во рамките на новиот кампус на УИНТ, велат од универзитетот. (Крај)
извор: МИА фото: МИА