Скопје/Охрид, 4. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пет национални институти и Хидробиолошкиот завод од Охрид денеска презентираа шест проекти кои по повеќе од десет години застој во финансирањето научни проекти ги одобри и поддржа Министерството за образование и наука и биле спроведени во периодот од ноември 2021 до октомври 2023 година.
Домаќин на заедничката јавна презентација на шесте проекти беше Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова- Грујовска, истакна дека се работи за исклучително значајни проекти за македонската наука и култура.
Му се заблагодари на МОН што по повеќе од една деценија финансирало научни проекти на националните институти.
– Се надевам дека МОН и во иднина ќе има слух за нашите научници и ќе им овозможи континуитет во истражувањата, рече Јованова- Грујовска.
Завршувањето на проектите го поздрави Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот во наука во МОН, која истакна дека со нивното финансирање по повеќегодишен застој МОН, како што рече, докажува дека дава силна поддршка за научната работа на нашите јавни научни установи.
– Застанавме зад научните проекти кои го проучуваат културното, духовното, материјалното и хидробиолошкото наследство на овие простори, рече Хасановиќ. Додаде дека МОН го поддржало и кадровското екипирање на националните институти, посочувајќи дека „никогаш не е доволно, но, сепак, тргнавме од мртва точка да го обновиме научниот кадар”.
Хасановиќ соопшти дека по завршување на овие проекти, МОН проектира нова финансиска конструкција за идни проекти.
На заедничката презентација на научните проекти, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ го претстави проектот „Лексиката во македонската народна проза” кој го раководеше проф. д-р Елена Јованова-Грујовска. Институтот за македонска литература го презентираше проектот „Македонска книжевна енциклопедија (автори и дела)” на д-р Наташа Аврамовска и д-р Мишел Павловски.
Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ го завршил и денеска го претстави проектот „Меморија и еко космос” раководен од д-р Катерина Петровска- Кузманова, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците презентираше проект „Културно-историските случувања кај Албанците во Македонија во текот на XIX – XX век”, раководен од д-р Скендер Асани.
„Средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Пореч” е проектот на Институтот за старословенска култура, раководен од д-р Бранислав Ристевски, а „Еколошка состојба на рибната популација во Белчишко Блато“, раководен од д-р Лидија Велкова- Јорданоска, е проектот на Хидробиолошкиот завод од Охрид. (Крај)
извор: МИА фото: МИА