Охрид, 4. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Автобусите на транспортната фирма „Галеб“ од Охрид денеска сообраќаат кон сите редовни линии, но со мало задоцнување, вели раководителот на секторот за сообраќај во „Галеб“ Димитар Василевски.
– Нашите автобуси патуваат кон сите редовни линии, со мало задоцнување и во отежнати услови поради снегот што врне. Поминуваме и низ превоите Пресека и Буково каде што има забрана за тешки товарни возила. Ние не спаѓаме во оваа категорија и затоа немаме поголеми проблеми, освен ако пред нашите автобуси нема испречено заглавено возило, вели Василевски.
И од фирмата „Делфина турс“ велат дека и нивното возило што утрово во седум часот тргнало од Скопје кон Охрид пристигнало со мало задоцнување.
– Нашето возило утрово од Скопје пристигна во Охрид со задоцнување од петнаесеттина минути. Засега немаме информации за тоа како ќе се одвива сообраќајот со оглед на обилните врнежи од снег. Колегите од Кичево утрово не’ информираа дека во нивниот регион има големо снежно невреме, велат од „Делфина турс“.
Како што е веќе познато, Автомото сојузот на Македонија излезе со соопштение дека утрово во 07 часот и 20 минути е воведена забрана за движење на тешки товарни возила на превоите Пресека и Буково.
Снежното невреме продолжува и во наредните часови. Од охридската секција на јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека се постојано на терен и редовно ги расчистуваат патните правци кои се во нивна надлежност, онолку колку што им дозволуваат временските услови и средствата со кои располагаат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива