Охрид, 2. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Членовите на аеро клубот „Охрид“, продолжуваат да нижат успеси.
Во саботата во Прилеп се одржа Меѓународниот куп во воздухопловно моделарство „Македонија“ во организација на клубот „Фул феникс“ од Прилеп, на кој учествуваа натпреварувачи од шест земји, а најбројна беше екипата од Турција.
Традиционално од Охрид учествуваа натпреварувачи од аеро клубот „Охрид“ во класата F1B, модели на гума, при што освоија три медали.
Во јуниорска конкуренција Александар Цветаноски го освои второто место, а Петар Цветаноски заврши како третопласиран. Второто место на Александар ќе му овозможи скок од сегашното 15-то место, да се најде меѓу првите десет на светската ранг листа.
Во сениорска конкуренција учествуваа тренерот Митко Цветаноски, Анастас Божинов и Климент Масин, кој го освои второто место во „флај оф“ во дуел со познатиот српски моделар Тоза Гостоиќ.
И покрај големата конкуренција во моделите на гума, охридскиот клуб успеа да освои медали.
– Ние и како екипа и како репрезентација на првенствата успеваме да се носиме рамо до рамо со големите светски сили, со технички најподготвените земји, чии клубови имаат огромни буџети. Имаме помош како и за останатите спортски клубови од Агенцијата за млади и спорт, но од градот кој го претставуваме помош нема, досега ниедна локална самоуправа нема дадено финансиска поддршка ниту простории за клубот, вели тренерот Цветановски.
Пред охридските аеромоделари до крајот на годинава стојат неколку меѓународни натпревари, ама учеството зависи од финансиските средства. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес