Охрид/Скопје, 12. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот национален тим заврши на седмата позиција, а охридските атлетичари постигнаа завидни резултати и срушија државни рекорди на 8-то Европско првенство во атлетика, трета лига, во екипна конкуренција што викендов се одржа во Скопје.
Четворица атлетичари на АК „Охрид“: Јован Стојоски, Марија Јовановска, Блаже Љушев и Стефан Стефаноски успеаа да обезбедат место во нашиот национален тим.
Стојоски со време од 10.72 секунди освои злато во дисциплината 100 метри и постигна нов личен рекорд, а на 200 метри, со време од 21.35 секунди успеа да го сруши македонскиот рекорд, што го постави самиот. На трката од 400 метри освои бронзен медал со време од 46.94 секунди. Стојоски уште учествуваше на штафетните трки 4 x 100 и 4 x 400 метри.
Марија Јовановска го освои 10-то место со време од 13:06 на трката од 100 метри. Блаже Љушев во дисциплината 110 метри со пречки заврши на третата позиција (17.63 секунди), а Стефан Стефановски беше шести во фрлање диск (43.88 метри).
Македонија на овој шампионат севкупно заврши на седмата позиција од 13 репрезентации што учествуваа. Лидер беше тимот на Исланд, кој наредната година ќе се натпреварува во повисок ранг. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: АФМ