мај 4, 2017

Охрид, 4. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со свечен собир, Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941 – 1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца одбележаа два датуми од македонската историја.

Како што беше нагласено, месец мај е богат со настани од нашата историја. Денес навршуваат 37 години од смртта на Јосип Броз Тито и 114 години од смртта на Гоце Делчев. Пред присутните на трибината се обрати потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Никола Стефаноски, додеке пак за животот и делото на двајцата великани од нашата историја зборуваше професорот по историја, Наце Иваноски. Оддавајќи им почит на овие два великани, им се оддава почит на сите други нивни осработници кои не беа ништо помалку важни и заслужни за создавање на македонската држава, потенцира Иваноски.

 
NaceIvanoski
– Гоце Делчев и Јосип Броз Тито се двајца великани кои секој во своето време придонесоа за Македонија да создаде своја држава. За жал Гоце Делчев заради неговата прерана смрт не успеа, беше убиен на 31 година. Во времето на Тито, благодарение на успешната Втора светска војна и учеството на сите југословенски народи и на македонскиот народ, кој во завршните операции партиципираше со 100 000 сопствена војска, нашиот народ успеа да создаде за првпат во историјата сопствена држава со сите обележја, свој јазик,територија, грб. Затоа, Сојузот на борци од Охрид и Дебрца секоја година го одблежува овој ден, рече Иваноски.

Тој на крајот испрати порака до сегашните и идните генерации да ги негуваат традициите, никогаш да не ги заборават овие личности и сите други кои ги положиле своите животи за ние да имаме сопствена држава. Иваноски ги потсети и дека треба секогаш да се залагаат она што го наследиле, да го доразвиваат  и надоградуваат. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука