Охрид, 2. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридските матуранти на 19 мај ќе ја одиграат Матурската парада 2017.
Во тек се подготовките за 12-та по ред парада, која полека, но сигурно, прерасна во традиција. На часовите по спорт се вежбаат последните елементи за изведба на танцот “Квадрил” од Штраусовата опера “Лилјакот”, а матурантите вежбаат и пред часовите, истакна професорката Соња Думбаловска Делова, која годиниве трпеливо и со огромна љубов работи со матурантите.
– Веќе се при крај подготовките за парадата, ги финализираме и последите елементи. Парадата,секако, ќе се одигра на градскиот плоштад, точно на пладне. Оваа година во неа ќе учествуваат околу 600 матуранти од сите охридски средни училишта. Парадата за нив е едно посебно доживување, потенцира Думбаловска Делова.
Таа информира дека и овој пат официјалниот дел на програмата ќе започне во 11:40 часот. Матурантите ќе ја прочитаат изјавата за ненасилство, по што ќе следува директно вклучување на Радио Словенија од каде ќе се преземе музиката од Штраусовата опера “Лилјакот” на која матурантите точно во 12 часот ќе го танцуваат кадрилот. Освен во Охрид, парада ќе има и во Струга, Струмица, Валандово, Гевгелија, Неготино, како и во 120-на европски градови.
Инаку, Матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана.
Танцот “Квадрил” матурантите го играат во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива