Битола/Охрид, 4. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Компанијата „Елколект“ започнува со акцијата за собирање отпадни батерии во 25 основни училишта низ 11 општини во Република Македонија.
Акцијата започнува овој месец, а ќе трае до ноември. Основните училишта од Охрид се дел од од избраните образовни установи во вкупно 11 општини.
Како што велат од компанијата, целта е да се поттикне создавањето добри навики кај децата уште во раната возраст и да се намали количеството отпадни батерии во животната средина.
– Во соработка со училиштата, подготвивме едукативно – информативен материјал и наменски еко-кутии кои се веќе поставени на видливи места во училишните згради. Во нив учениците ќе ги оставаат отпадните батерии од нивните домаќинства и на тој начин ќе спречат протекување на опасните супстанции (цинк, литиум, олово, кадмиум и жива што се содржат во батериите) да ги загадат почвата, подземните или површинските води, велат од „Елколект“.
„Елколект“ е лиценциран колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: „Елколект“