Охрид, 20. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со дефиле низ охридските улици и показна вежба за извлекување на повредени лица во сообраќајна незгода, Охридската територијална противпожарна единица, по традиција, денес го одбележа 20-ти мај, Денот на пожарникарите и пожарникарството.
Пожарникарството е комплексна професија не е само пожар, тука се технички интервенции, сообраќајни незгоди, земјотреси, поплави… Тврдам дека нашата единица е една од најекспедитивните, скоро најдобро опремена во Република Македонија и подготвена во секое време да интервенира, изјави на свеченоста командирот на Територијална противпожарна единица Охрид (ТППЕ) Борко Јанкулоски.
– Пожарникарите се хероите на градот кои деноноќно се борат со секаков тип на интервенции. Од почетокот на оваа година имаме вкупно 202 интервенции, од кои 152 се пожари (на објекти, отворен простор и на сообраќајни средства), остатокот од 50 се технички интервенции, како сообраќајни незгоди, елементарни непогоди и други активности. ТППЕ моментално брои 39 пожарникари. Има недостиг од пожарникари, за брзо време ќе имаме пензионирање по основ на новиот закон што треба да се имплементира. Апелирам и до надлежните што поскоро да водат сметка, да се примат млади пожарникари за да може поискусните колеги да ги обучуваат. Имаме 7 возила, сите во исправна состојба, но се од застарен тип, просечна старост е 40 години. До крај на оваа година планирана е набавка на противпожарна цистерна од 8 тони преку Југозападниот плански регион се издвоени средства, она што недостига ќе надополни Општина Охрид. Покрај тоа во процедура е и проект со Јапонската амбасада за набавка на мало возило за шумски интервенции што би се користело и во тесните улички низ стариот дел на градот, па се надевам дека за скоро време ќе имаме позитивен одговор, истакна Јанкулоски.
Командирот ја потенцира важноста и на доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, што брои 23 членови, дел оперативци, дел учествуваат дирекно со ТППЕ, исклучиво на пожари на отворен простор и елементарни непогоди и слични интервенции. Додаде дека во иднина локалната самоуправа треба да посвети малку повеќе внимание со цел овие друштва да можат да напредуваат.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, кој упати голема благодарност и честитки до пожарникарите за нивната пожртвуваност во извршување на работните задачи и потенцираше дека Локалната самоуправа во континуитет работи на подобрување на условите за работа на службата, набавка на дополнителна опрема и возила.
Инаку, противпожарната заштита на Балканот е започната во Битола, на 20-ти мај 1836 година во време на Румелискиот пашалак, кога е формирана првата организирана противпожарна единица, после голем пожар што го зафатил градот. Па, оттогаш 20-ти мај се одбележува како Ден на пожарникарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес