Охрид/Струга, 31. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Неколку уметници од Охрид и Струга деновиве спроведуваат уметнички предизвик преку социјалните мрежи, во соработка со уметници од цела Македонија.
Идејата на уметниците е преку социјалната мрежа Фејсбук, во континуитет од пет дена, секојдневно да поставуваат по три фотографии од нивни уметнички дела или проекти, и едновремено да номинираат други уметници.
Уметниците со овој предизвик на љубителите на уметноста им овозможуваат да уживаат во делата на нивните сограѓани, да се потсетат на проектите, кои предходно биле изложени на изложби или реализирани за потребите на уметнички фестивали.
Охридската уметничка Ели Аиноска презентираше фотографии од дела од повеќе циклуси, како „Вештачки пејзажи“, тобако инсталација „o’tempora , o’mores”, “Drawing with wire” други.
Струшкиот уметник Горан Ристовски досега се претстави со фотографии на дела од циклус посветен на Охридското Езеро.
Стружанецот Ѓорѓи Крстески, кој се занимава со уметност во повеќе медиуми, досега се претстави со уметнички предизвик на поставување фотографии од три негови уметнички перформанси и уметничка дигитална фотографија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Аин/Крстески/Ристовски