Скопје/Охрид, 25. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од проектот „Bayern Fit for Partnership“, од 18-ти до 22-ри март 2024 година во Баварија се одржа Делегациско патување за развој на туризмот во Република Македонија.
На ниво на цела Германија, Баварија е покраина со најголем економски развој, највисок квалитет на живот и стандард, воедно е и предводник во развојот на туризмот. Според пристигнатите апликации, интерес за ова Делегациско патување имаше кај огромен број на македонски компании, со што се изразува потребата од стекнување на нови сознанија, кои ќе им помогнат на стопанствениците за унапредување и развој на македонскиот туризам. Дваесет македонски компании беа дел од делегацијата и имаа можност да посетат 20 баварски компании и хотелиери кои играат водечка улога во туристичкиот сектор во Баварија, каде можеа да разменат искуства и да стекнат нови знаења за одржливиот туризам, спортскиот туризам, туризам кој се фокусира на запознавање на нови култури.
– Многу сме задоволни што отворивме сосема нова перспектива со ова Делегациско патување. Досега Германија ја гледаше Македонија како важен трговски партнер и ја сметаше земјата за добра локација за преместување на индустриското производство. Сега ја претставивме Македонија како туристичка локација пред повеќе од 30 компании и здруженија во Баварија. Ваквите проекти се од голема важност за Македонија со цел да стане видлива во други сектори во Германија, истакна Антје Ванделт, директор на АХК Македонија, дел од германските стопански комори.
Во рамки на патувањето, меѓу другото, беше организиран и саем на кој се претставија 30 германски компании од туристичката индустрија. Германските компании по остварените Б2Б средби оценија дека има голем потенцијал за соработка со македонските туристички оператори.
Од Охрид учествуваа претставници од ресторан „Дамар“, хотел „Тино“ кампинг „Љубаништа“, вила „Арте“ и хотел „Милениум Палас“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива