мај 7, 2021

Охрид, 7. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид во моментов е на околу пет месеци од локалните избори, за кои претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери првично најави дека ќе се одржат на 3-ти, 10-ти или 17-ти октомври 2021 година.

Охридскиот нон-пејпер, објавен јавно, е за состојбата во која се наоѓа градот во моментов, распоредот на силите и потенцијалните кандидати, особено по постојаните турбуленции на ниво на државата, кои редовно се пренесуваат на локално ниво.

Докторите како професија беа преферирани од партиите периодов наназад, па охриѓани на шега прашуваат кој доктор ќе биде новиот градоначалник на градот? Тоа според најавите и не е далеку од вистината, па можно е и овој изборен циклус да имаме повторно докторски дуел во изборната битка. Она што ќе биде особено интересно секако е новиот состав на Градскиот совет, затоа што новите играчи на сцената, партијата Левица (ако излезе со листа) и Охрид пред се’ (веќе најавија листа) ќе внесат нови моменти во кампањата, а подоцна можат да бидат клучни во распоредот на силите.

СДСМ

Подолг период наназад во владеачката СДСМ на локално ниво се спомнуваа повеќе имиња кои беа во игра за престижната титула нов градски татко. Неколкуте „кланови“ во партијата и нивните преферирани кандидати се лактаа, подметнуваа, дури и ги оцрнуваа сите за кои и ќе се наслушнеше дека би можеле да бидат дел од трката. Дел беа буквално медиумски линчувани, само да се покаже кој е кој во локалната бара.

Како во 2017 година, кога сите афери на тогашната власт се пренесоа на локално ниво во вид на незадоволство кај гласачите, и овој изборен циклус ќе гледаме сличен филм. Рашковски, Катица Јанева и СЈО, референдумот, менувањето на името, состојбата со Бугарија, пасошите за „видни“ криминалци, пописот, Боки 13, година дена без вакцини, „реформите“ во образованието и сите останати „најголеми хитови“ на актуелната власт и тоа како ќе се пренесат врз резултатите во изборната ноќ. Она што стана веќе јасно е дека СДСМ на ова поле напредува со „кучешки години“ и пребрзо стигнаа онаму каде што беа нивните претходници. За добрите познавачи ова беше сосема очекувано, затоа што партијата беше долго време во опозиција, па се создаде огромен број на „гладни“, па кој колку „учинил“ за каузата, па функции, моќ…

Покрај неколкуте „желботеки“ кои не заслужуваат коментар, има неколку имиња кои се се’ уште во игра и можат да изненадат во интерната кандидатска трка во партијата. Актуелниот градоначалник д-р Константин Георгиески секако е една од опциите за кандидат на СДСМ за втор мандат. Откако ги „игладија“ односите со лидерот Заев, тој доби сериозен финансиски ветер во крилјата и отпочна проекти кои со децении беа ставени „на пауза“. Градоначалниците не се потпишуваат со пенкало, туку со улици, водоводи, среден и чист град… Тоа е нивниот потпис и тоа е она по што ќе останат запаметени. Георгиески се потпиша со санацијата на вечното ветување на сите претходни градоначалници – улицата „Абас Емин“, потоа санацијата на улицата „Јане Сандански“, улицата „15-ти Корпус“ и влезот од Битола, почетокот на уривањето на дивоградбите и уште неколку проекти, кои можат донекаде да ја анулираат тежината на товарот на „најголемите хитови“ од погоре. Сепак и кај него, како и кај сите претходници останува вечниот проблем со кокетирањето со локалните тајкуни и шерифи. Тие се „зачинот“ без кој за жал, тешко дека уште долго ќе имаме локална власт во Охрид.

ВМРО-ДПМНЕ

На овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ има две опции пред себе – да продолжи онаму каде што застана изминатите изборни циклуси и да загуби повторно или да пресече и да победи. Тие многу добро го знаат името и „фото роботот“ на кандидатот кој може да им ја донесе победата. Зошто тоа не го направија претходно, си знаат само тие. Во меѓувреме не бомбардираат со прес конференции за нови вработувања, покачени цени и слично, подзаборавајќи дека имаат авторство на многу вакви и слични одлуки кога беа на власт. Она што може да се забележи е дека партијата успеа во релативно краток рок да ги збие редовите, барем на локално ниво, особено по изборните порази, бегството на Груевски, „пребегнатите пратеници“, бегството па враќањето на Сашо Мијалков и многу слични тектонски пореметувања во партијата. Актуелното раководство мора да носи поодлучни и поцврсти одлуки, да ги соопшти јасно и гласно своите ставови и да застане цврсто зад нив потоа.

За разлика од СДСМ каде секој незадоволен автоматски станува најголем душман на партијата, членството на ВМРО-ДПМНЕ е многу помонолитно, похомогено и помотивирано, што пред се’ се должи на самата внатрешна поставеност, на поделбата на моќта и се’ што оди со неа во партијата. Доколку успеат да го најдат вистинскиот наратив со кој ќе излезат пред граѓаните, ако ги признаат грешките, ако се оградат од оние политики и личности кои ги доведоа до ова место каде што се сега, секако дека можат да постигнат соодветен резултат на престојните избори. Сето ова во комбинација со реална понуда, без многу „ЌЕ“ туку со издржани и изводливи проекти, и најважното, затоа што сепак се работи за локални избори, кандидат кој е познат и признат во средината.

ЛЕВИЦА

Колку е потребна свежа понуда во Република Македонија доволен доказ е и успехот на партијата Левица. За релативно кратко време се изборија за своето место под политичкото Сонце во државата и одат сериозно напред. Доколку лидерството е мудро и младешкиот ентузијазам и некогаш претешките зборови започнат да ги заменуваат со она каде што се најсилни – правото и грижата за „обичниот“ човек, можат да постигнат сериозни резултати. Локалниот огранок е исклучително активен и „го подготвува теренот“ со редовни соопштенија во кои се критикува локалната власт и состојбите во градот. Она што не се знае во моментов е дали оваа партија ќе понуди советничка листа и кандидат за градоначалник на Охрид. Би била грешка доколку не го направат тоа, барем со советничка листа, со што ќе го опипаат пулсот на граѓаните. Бројките и енергијата се на нивна страна и со соодветна кампања, добар избор на кандидати и таргетирана целна група, можат да стигнат до добар изборен резултат.

Охрид пред СЕ’

Како редакција години наназад пишуваме за насушната потреба која ја има Охрид од една независна група луѓе, ослободена од партиските долгови, интриги и списоци на желби, која ќе може да игра сериозна улога во управувањето со градот. Дали тоа ќе биде оваа група луѓе зависи само од нив и од никој друг. Ако бидат искрени, упорни, мудри, ако направат успешна спрега со медиумите, а преку нив и со јавноста, ако успеат да привлечат кон себе дел од неопределеното гласачко тело, незадоволните од двете големи партии, ако успеат околу нив да гравитира интелектуалниот дел од Охрид, можеби и имаат шанса. Тука треба да се има во предвид дека голем дел од ова гласачко тело ќе оди на контото на Левица, која е во надоаѓање и има сериозни симпатии и поддршка токму кај овој сегмент граѓани. Ако останат само на легендите за Бранко, тешко дека ќе ја ефектуираат неговата поддршка. Годиниве наназад покажаа дека тој е „чудна биљка“, ако јадеш премалку ќе останеш гладен, ако каснеш премногу, може да те отруе. Имаме многу такви примери…

Избори се ближат, купете пуканки. Чуда ќе се случуваат…

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука