декември 12, 2017

Охрид/Скопје, 12. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Педесетина основци од Охрид и од Скопје учествуваа во Глобалниот светски проект Climate Action project.

На проектот што го поддржаа познати светски личности и медиуми учествуваа основните училишта „Кочо Рацин“ од Охрид, под менторство на одделенската наставничка Виолета Петковска, и „Крсте Петков Мисирков“ од Скопје и наставничката Маја Виденовиќ.

– Учениците спроведоа истражување, размислуваа и разговараа за идеи, ги презентираа и ги споделија своите сознанија за овие теми преку видеа и онлајн-презентации, скајп-сесии и лекции. Во проектот за климатска акција ги разградуваме ѕидовите во училниците и ги поврзуваме учениците преку 69 земји. Учениците ги споделуваат своите наоди преку неделни видеа или презентации. Учениците стануваа новинари, а нивните училници станаа редакции – вели Петковска, која проектот го работеше со ученици од петто одделение.

ucenici koco racin

Таа додава дека ова е проект во кој наставниците првично излегуваат надвор од нивните удобни зони.

– Наставниците открија нови пристапи и алатки. Тие направија глобална врска и учењето беше забавно! Учениците учат на многу различни начини (соработка, изразување и креирање, истражување, дискутирање, поврзување со експерти за социјалните медиуми итн.) И ќе имаат многу различни резултати (составување песни, танцување, создавање, користејќи лего, Minecraft, запирање на видеоснимки, интервјуирање и сл.). Овој проект опфаќа неколку теми: наука, математика, историја, биологија, литература, итн. – вели одделенската наставничка во „Кочо Рацин“.

Заедно со уште 248 училишта од 70-ина земји од цел свет, македонските основци соработуваа на теми за климатските промени во текот на четири возбудливи недели, работеа на реални проблеми, истражуваа и бараа начин како да најдат решение. (Крај)

извор: Факултети.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука