Скопје/Охрид, 4. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерството за здравство информираат дека е во тек скринингот на учениците од основните и средни училишта во Република Македонија.
Скринингот го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава. Министерството за здравство ги објавува досега обработените податоци, од спроведениот скрининг во првите денови.
Од тестирани 1.323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на ЦЈЗ Охрид, Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица и Тетово, 725 се основци од 1 до 9 одделение, а 598 се средношколци. Од нив само 6 основци биле позитивни на Covid-19, а 1.317 ученици биле негативни на тестот. ЦЈЗ при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот Алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот. За поголем дел од Центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати Центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анализа со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот Covid-19 меѓу учениците во училиштата.
Министерството за здравство информира дека во моментов во РМ, 885 деца на возраст од 0-17 години, се активни, а 15 се позитивни на Covid-19. На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на О2, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.
Според податоците од националниот систем „Мој Термин“ досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12, 13, 14, 15, 16 и 17 години примиле една доза вакцина за Covid-19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници. (Крај)
извор: Тв Сител фото: архива