Охрид, 6. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, Охрид викендов ќе учествува на Меѓународниот турнир до 18 години, кој ќе се одржи во Перник, Бугарија.
– На овај турнир ќе настапиме со 10 натпреварувачи, од кои половина се дебитанти, а половина редовни натпреварувачи. Тие за противници ќе ги имаат репрезентативците на Бугарија, кои ќе им бидат одличен тест за наредното Европско првенство, кое во април ќе се одржи во Прага. За дебитантите ќе биде одлично искуство. Тие веќе чекорат по стапките на повозрасните натпреварувачи и ветуваат дека ќе имаме уште една силна генерација натпреварувачи. Бугарија ја има една од најсилните Таеквон-до репрезентации, па очекуваме квалитетот на натпреварот да биде на високо ниво, вели Марјанчо Лазаревски, носител на црн појас V дан, претседател на клубот и на Македонската ИТФ Федерација.
Тој изразува јавна благодарност до генерален спонзор, компанијата „ПН Метал“, која е најзаслужна за нивното учество на овај натпревар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива