Охрид, 6. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – И понатаму се бележи опаѓање на нивото на водата во Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,13 м.н.в, што е за 15 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в) и само три сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в).
Температурата на езерската вода е 18 степени и е за 1,2 степени повисока од просекот за октомври.
Состојбата со нискиот водостој трае веќе подолг период. Само во текот на минатиот месец нивото на езерото се намали за 13 сантиметри. Минатата година во ноември водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Причина е сушниот период без врнежи, но и проблемот што го има подолго време со водостојот на Преспанското Езеро, од каде истекува водата во нашиот езерски бисер.
Екипата на OhridPress регистрираше дека веќе подолг период без вода се и Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес