Тренто, 17. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ние сме дома веќе една недела, за сега добро се држиме. Не излегуваме, единствено до маркет, но и за тоа препораките се еднаш неделно, само еден член од фамилија.
Вака охриѓанецот Љупчо Ѓуроски ја опишува состојбата во градот Тренто, во провинцијата Трентино во Северна Италија, каде живее со сопругата Санела и децата.
– Во моментов во самиот град има 100-тина заразени, заедно со околината се околу 420, од кои 7 лица починаа. Моментално и ние, како и цела Италија сме во карантин. Училиштата и универзитетот се затворија пред две недели, а минатиот вторник се затвори се’. Најпрво почнаа со слични мерки како кај нас – одредени бизниси да работат само до 18:00 часот, но се’ стана бесмислено, затоа што премногу луѓе имаше во движење, па одлучија се’ да затворат, освен аптеките и супермаркетите кои работат нормално. Интензивно се контролира состојбата од страна на полицијата и доколку немате писмен документ како оправдување за своето излегување, пишуваат казни од 250 евра, вели Љупчо за Супер радио и OhridPress.
Тој додава дека се очекува во наредниве 3-4 дена да се достигне врвот на заболени лица.
– Интересно беше и тоа што го потенцираше градоначалникот вчера на прес конференција дека поради ограничени капацитети, предност ќе добијат жителите на Трентино, а сите кои што се од Ломбардија и избегале во викенд куќите во Трентино да се вратат во Ломбардија. Медиумите потенцираат дека најверојатно останува се’ затворено до 3-ти април, доколку почне да се стабилизира ситуацијата. Има доста Македонци, а и лица од Охрид, нема заболени, за сега сите се добро, информира Ѓуроски, кој во Тренто работи во Фитнес центар, каде држи часови, и каде до последниот ден пред да се затвори било полно.
Во регионот во моментов е дозволено краткотрајно излегување во дворовите, но без задржување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: семејство Ѓуроски