Охрид, 22. април 2017 (ОХРИДПРЕС) — Денес во охридското INSIDE интернет кафе, воедно, најстарото интернет кафе во Македонија, во присуство на ученици од шесто оделение од основното училиште „Григор Прличев“ беше промовирана брошурата за заштита на младите на интернет.
INSIDE интернет кафе ја издаде оваа брошува како дел од активностите за прославата на нивниот 18-ти роденден и 10 години INSIDE Auto.
– Како компанија која работи со младите и се грижи за нив, издадовме една мала брошура со насоки за заштита на младите при користење на интернет наречена „Сурфај безбедно“. Интернетот е место кое нуди безброј информации, знаења и забавни содржини, како за децата и тинејџерите, така и за возрасните. Многу потенцијални опасности и ризици за приватност и безбедност на неговите корисници реално постојат, особено за приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите и нивните семејства. Децата се особено подложни поради нивната детска отвореност, наивност и неискуство, но и возрасните бидејќи за голем дел од нив интернетот претставува сосема нов и непознат медиум. Затоа, познавање на некои основни правила за внимателно однесување на интернет секому можат да бидат од корист и да му помогнат да се заштити себеси, но и своите најблиски, истакнуваат од Inside.
Учениците во дел од наставната програма по предметот Информатика, изучуваат материјал посветен на безбедноста на интернет и заштитата при работењето со интернет. Наставниот персонал се надева дека брошурата ќе им послужи не само на децата, туку посебно на родителите во домашни услови да знаат во кој дел од денот под нивен надзор да им дозволуваат на децата да работат на интернет. Денешната интерактивна презентација на брошурата „Сурфај безбедно“, беше особено значајна и интересна за младите посетители на INSIDE интернет кафе.
– Добро е со оваа презентација, децата на малку неформален начин да научат некои нови работи. Безбедноста на интернет е тема, на која во светските и европските образовни системи ѝ се придава големо значење и секојдневно сé повеќе и повеќе се имплементира во наставните програми. Кај нас, за жал, не се дава толку големо внимание, што мислам дека треба да се промени заради безбедноста на децата. Родителите треба да се повеќе запознаени со оваа проблематика и е потребна поголема соработка со нас, со училиштата, со некои неформални институции, за да се подигне нивото на запознаеност на родителите за заштитата на нивните деца при работата на интернет, вели Марина Танасоска, наставник по информатика во ОУ „Григор Прличев“.
Родителите, пак, се категорични дека децата, како по непишано правило, најмногу сакаат да отвораат страници на интернет, кои се најмалку заштитени. На прво место по популарност кај децата се онлајн игрите, потоа социјалните мрежи, Инстаграм, односно сите оние страници, кои се најмалку заштитени и од кои демнат најголемите сајбер опасности.
Во склоп на роденденските активности, вчера во периодот од 10:00 до 16:00 часот сите слушатели на Супер радио имаа можност да добијат вредни награди од INSIDE. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес