јануари 12, 2017

Охрид, 12. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Фестивалот „Охридско Лето“ ги најавува концертите на „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција.

Овој музички ансамбл од Пекиншката академија на традиционалната музика гостува во Македонија и тоа со два концерти кои ќе се одржат во Скопје, во Македонска Опера и Балет на 26-ти јануари и во Охрид, во Центарот за култура „Григор Прличев“ на 28-ми јануари.

– Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број на етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56-те официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан, велат од „Охридско лето“.

Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Jin Xiaofeng, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Zou Hang.

Некои од репрезентативните изведби кои ги вклучува перформансот на ансамблот „Гласот на Јунан“, како што се Танцот на паунот, Танцот на левата нога, Танцот за гозбата и Танцот на Wa малцинството, ќе бидат презентирани на концертот за да се долови убавината на природата и животот кои се содржани во етно уметностите од Јунан.

Концертите на ансамблот „Гласот на Јунан“ во Скопје и во Охрид се во организација на „Охридско Лето“ и презентираат ретко концертно доживување кај нас во автентичниот перформанс изведен од страна на најдобрите фолклорни музичари на Кина.

Билетите за двата концерти се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука