Охрид, 6. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид има непроценливо културно историско богатство, има потенцијал но нема соодветни или рационално искористени објекти за нивна добра промоција, беше заклучено на презентацијата на Охрид како урбанистички предизвик пред студентите од Aрхитектонскиот факултет од Скопје.
Градоначалникот Јован Стојаноски во своето поздравно обраќање ги посочи како особено важни идеите на младите интелектуалци за урбанистичкото уредување на градов.
Лилјана Јоноска и Биљана Ангелоска од Секторот за Урбанизам при локалната самоуправа извршија презентација на Охрид како подрачје со богато културно историско наследство заштитено од УНЕСКО, а беа презентирани и постоечките урбанистички планови. Беа претставени и неколку локации и објекти на кои студентите по архитектура практично ќе работат односно ќе изнесуваат идеи за нивно преуредување.
Илија Пиперкоски од кабинетот на градоначалникот ја презентираше културната стратегија на локалната власт при што беше подвлечено дека целта е Охрид да биде кандидат за град на културата во Европа за што е потребно да пулсира 365 дена во годината, а не само во лето. Во одредени сегменти Охрид треба да се преуредува но во согласност со препораките на УНЕСКО.
Студентите и нивните професори, како и претставници од општината разглеаа неколку локации и објекти по што ќе ги изнесат своите идеи за нивно уредување. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: општина Охрид