Охрид, 27. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – По неколку пролонгирања и со пробиен рок за изградба, Охрид во декември најверојатно ќе го добие долго најавуваниот Зелен пазар.
– Во декември годинава се очекува да биде отворен новиот Зелен пазар во Охрид. Дотогаш треба да заврши експропријацијата на една парцела од 90 метри, каде е предвидено да се изгради катната гаража. Потоа ќе следи распишување оглас за јавно-приватно партнерство. Физибилити студијата е завршена, истакна градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески.
Првичниот рок за изградба беше 18 месеци, а според изведувачот на работите, АД „Илинден“ од Струга, местоположбата, која не овозможува отворен фронт за работа била главната пречка за исполнување на преамбициозно зададениот рок уште на стартот на изградбата.
Камен-темелникот на овој капитален објект за Охрид беше поставен на 14-ти јуни 2017 година, откако во февруари истата година започнаа подготвителните активности за дислокација на тезгите и чистење на просторот.
Современиот затворен зелен пазар е јавно-приватно партнерство. Објектот ќе има подземен паркинг, приземје и три ката, со бруто развиена површина од 6.779 метри квадратни. Изведувач на работите е претпријатието АД „Илинден“ од Струга, кое беше избрано на тендер и кое го има добиено одобрението за градба.
До конечното завршување на зафатот, предвидено беше на неколку локации во градот да бидат отворени и помали маалски пазари.
Овој проект општината со децении безуспешно се обидуваше да го реализира поради нерешените имотноправни односи. По расчистување на сопственоста, државата отстапи дел од градежните парцели на кои се гради затворениот пазар.
Вкупната вредност на оваа инвестиција за чија реализација се водеше комплексна и обемна постапка, изнесува околу четири милиони евра.
Со овој проект ЈП „Градски пазар“ Охрид ќе добие 1.230 метри квадратни покриен зелен пазар, опремен со 190 нови тезги кои ќе бидат изработени согласно со ХАСАП-стандардите, потоа 10 подземни паркинг-места, како и деловни простории со површина од 200 метри квадратни. Приватниот инвеститор ќе добие деловни простории од 341,5 метри квадратни на приземјето на објектот, како и целокупните простории на останатите катови, со исклучок на вториот кат, на кој Општина Охрид треба да добие минимум 713 метри квадратни. Паралелно ќе се реконструира и халата за текстил, која ќе биде на два ката, со површина од 256 метри квадратни. Ќе се реконструира и фасадата и покривот на постоечката зграда на јавните претпријатија, а ќе се направат и јавни тоалети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес