Охрид го живее последниот викенд од 2024 година, се’ е подготвено за највеселата ноќ
декември 28, 2024

Охрид, 28. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид, како најголем туристички центар во Република Македонија, се очекува да биде полн со гости за новогодишните празници.

Хотелиерите и угостителите веќе ги прават завршните подготовки за успешен дочек на гостите кои најлудата ноќ одлучија да ја дочекаат на охридското крајбрежје. Гости ќе има од соседството, Србија, Бугарија, но и од Турција, а нема да изостанат и најбројните – домашните гости.

Централното градско подрачје е веќе украсено со новогодишни реквизити, а се подготвува и богата програма за сите вкусови.

Со театарската претстава „Добредојде Нова Годино“ на Градскиот плоштад во Охрид, во вторникот, 24-ти декември од 12:30 часот започна новогодишната програма наменета за најмладите. Проектот „Охридска новогодишна приказна“ што ќе трае до 31-ви декември, опфаќа 20 забавни настани, а ќе се одржуваат дел напладне, дел во вечерните часови. Предвидени се бројни театарски претстави, концерти, танцов фестивал и новогодишни базари.

Објавена забавната програма за празниците во Охрид, за дочекот гостите ќе уживаат со Каролина Гочева, Наум Петрески, Пајак и Take 5

Во забавниот дел, на 30-ти декември на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, со почеток во 20:00 часот публиката ќе може да го проследи стендап шоуто 2 Mothers Brothers на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски. На 31-ви декември, во пресрет на дочекот на Новата 2025 година, охриѓани и туристите на Градскиот плоштад ќе уживаат во настапот на Каролина Гочева, македонската фолк ѕвезда Наум Петрески, миленикот на младата публика Пајак и охридската група Take 5. За забавата ќе се погрижат и Dj Gec и Dj Face. На 1-ви јануари на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе има дневна забава за која ќе се погрижат уникатната Сара Мејс и групата „Балканикос Бенд“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука