Охрид, 27. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Се декларираме како туристички град, но по се изгледа на тоа се сеќаваме само кога ќе треба да се соберат плодовите. Денеска се одбележува Меѓународниот ден на туризмот, но во нашиот град немаше никакви активности за негово одбележување.
Светскиот ден на туризмот и воопшто го нема во календарот на настани на општинската веб страна.
Шанса за поправен ќе имаме на 7-ми октомври, кога Европа го одбележува денот на туризмот и тогаш ако има кој да го погледне календарот.
За разлика од нас, во Скопје, Министерството за економија ги избра најуспешните туристички агенции, хотелиери, туристички манифестации и ресторани во изминатава година. Меѓу нив се најде и охридскиот хотел „Аура“.
Заменик-министерот Кире Наумов истакна дека туризмот во земјава се движи во позитивна насока, а тоа го покажуваат и бројките – зголемување од 18,3 отсто во поглед на бројот на туристи и зголемување од 10,9 отсто во поглед на бројот на ноќевања.
Туризмот денес е третата најголема извозна индустрија во светот по хемиската и нафтената. Тоа носи надеж, просперитет и разбирање за толку многу животи и средства за живот низ целиот свет.
Мотото под кое се одбелжува овој ден годинава е „Одржлив туризам – алатка за развој“.
Се проценува дека туризмот ќе продолжи да расте во просек од 3,3% годишно до 2030 година. Овој раст во текот на втората половина на 20 век и 21-тиот век се должи на фактот дека пристапот до туризмот постепено се проширува благодарение на признавањето на правото на празници во Универзалната декларација за човекови права, подобреното усвојување на работничките права во многу земји и растечката средна класа во светот. Понатаму, во последниве децении појавата на нови технологии кои се применуваат во туризмот и намалувањето на цената на транспортот, особено воздушниот сообраќај, доведоа до зголемување на меѓународните патувања.
Како и секоја активност, туризмот има силни ефекти врз економијата, општеството и животната средина во земјите од кои доаѓаат туристите, а особено во земјите што примаат туристи. Во текот на изминатите шест децении, туризмот доживеа континуирана експанзија и диверзификација и стана еден од најбрзо растечките и најзначајните економски сектори во светот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива