Охрид, 22. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По традиција, најголемиот туристички центар во земјава, Охрид, се очекува да биде полн со гости за новогодишните празници.
Зад себе го оставаме претпоследниот викенд од 2024 година, а хотелиерите и угостителите веќе ги прават завршните подготовки за успешен дочек на гостите кои најлудата ноќ одлучија да ја дочекаат на охридското крајбрежје.
И Охрид се подготвува за дочек на највеселата ноќ. Централното градско подрачје е веќе украсено со новогодишни реквизити, а светна и елката на Градскиот плоштад.
Со театарската претстава „Добредојде Нова Годино“ на Градскиот плоштад во Охрид, во вторник, 24-ти декември од 12:30 часот започнува новогодишната програма наменета за најмладите. Проектот „Охридска новогодишна приказна“ што ќе трае до 31-ви декември, опфаќа 20 забавни настани, а ќе се одржуваат дел напладне, дел во вечерните часови.
Предвидени се бројни театарски претстави, концерти, танцов фестивал и новогодишни базари.
Во забавниот дел, на 30-ти декември на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, со почеток во 20:00 часот публиката ќе може да го проследи стендап шоуто 2 Mothers Brothers на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски. На 31-ви декември, во пресрет на дочекот на Новата 2025 година, охриѓани и туристите на Градскиот плоштад ќе уживаат во настапот на Каролина Гочева, македонската фолк ѕвезда Наум Петрески, миленикот на младата публика Пајак и охридската група Take 5. За забавата ќе се погрижат и Dj Gec и Dj Face. На 1-ви јануари на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе има дневна забава за која ќе се погрижат уникатната Сара Мејс и групата „Балканикос Бенд“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес