Охрид, 16. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на програмата на Академијата за добро управување, во Охрид се одржува Меѓународниот семинар за планирање на развојот на единиците на локалната самоуправа и управување со општинскиот имот.
Ова е исклучително важен семинар кој ги третира темите за успешен развој на единиците на локалната самоуправа, рече на отворањето градоначалникот Јован Стојаноски.
– Развојот на општините, како примарни единици на непосредно остварување и практикување на демократските права на граѓаните, е од исклучително значење за поширокиот развој на заедницата. Во таа насока, обмисленото и одржливо планирање е condition sine qua non за општините, не само за секојдневното функционирање на општината и успешно сервисирање на граѓаните, туку и поглед кон иднината и одговорност за генерациите кои доаѓаат после нас, потенцира Стојаноски.
Семинарот е поддржан и организиран од германската политичка фондација Ханс Зајдел со седиште во Минхен, Баварија, бугарската асоцијација на општинските службеници од Софија и од меѓународната фондација Балкан Нет со седиште во Скопје.
Во текот на дводневниот семинар учесниците и предавачите од Бугарија и Македонија ќе разменат искуства и практики на темата „Стопанисување со општинскиот имот“ и ќе бидат презентирани примери за добро управување на локалната власт. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: општина Охрид