Охрид, 30. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија во Охрид до 28-ми јули ќе се одржува традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите.
Според програмата за оваа манифестација од денес до недела ќе се одржува лингвистичка работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ).
За 6-ти јули е закажана работилницата „Културната антропологија и социологија“, која се организира заедно со Филозофското друштво на Македонија.
На 10-ти јули ќе се одржи уште една работилница на тема „Балканските и европските дискурси за естетиката и симбологијата“, додека пак на 15-ти јули предавање на тема „Илјада години од живописувањето на Св. Софија“ ќе одржи академик Цветан Грозданов.
Во рамки на манифестацијата, а по повод 80 години од раѓањето на академик Васко Ташковски, на 20-ти јули ќе биде отворена изложба на акварели.
Академикот Иван Катарџиев на 26-ти јули ќе одржи предавање „71 година од добивање културна автономија на Пиринска Македонија“,на 28-ми јули ќе има поетско-ликовна вечер, а ќе се одржи и промоција на книгата „Извештаи на рисот“ на проф.д-р Иван Џепароски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива